soncogled

Ако сака да има модерно, конкурентно, извозно ориентирано земјоделство, Македонија треба да го развива задругарството и да го спроведе процесот на окрупнување на обработливите површини, порачуваат домашните и странските експерти.

Но, ова е подвлечено и во сите анализи изготвени минатите години, а го покажуваат и досегашните искуства.

– Ситните приватни земјоделски стопанства се економични само до извесен степен за сметка на големата трудоинтензивност. Ниско стоково стопанство не може да биде конкурентно способно и да ги применува соодветно научно-техничките достигнувања во земјоделството, велат експертите.

Задругарството е веќе еден од клучните сегменти на македонската аграрна политика. Подразбира здружување на земјоделците што, пак, значи гаранција за квалитетно, усогласено, планско производство, примена на високи технологии, добра земјоделска пракса, сигурен пласман, освојување на надворешните пазари,… Преку формирањето задруги, земјоделците можат и полесно да аплицираат за финансиска поддршка од државата и од ИПАРД фондовите.

Во Македонската асоцијација на земјоделски задруги засега има 39 членки. Според претседателот на Асоцијацијата Менде Ивановски, се прават напори кооперативното здружување да профункционира многу подобро. – Задругите се првиот чекор што земјоделците мора да го пројдат. Здружувањето на ситни производители мора да се одвива, а формата на таквото здружување се задругите кои се покажуваат како успешен модел низ целиот свет и ние ќе мора да го пренесеме и тука, во Македонија, вели Ивановски.

Во Македонија засега има два закона согласно кои се регистрираат и функционираат земјоделските задруги, а тоа, оценува Ивановски, е огромен проблем.

Окрупнувањето на земјиштето, пак, е вториот многу важен сегмент на кои македонското земјоделство мора да се посвети. Моментната неповолна структура на земјоделските површини кои се мали и фрагментирани, има директно негативно влијание врз економичноста, приходите и профитабилноста на земјоделските стопанства.

Просечната големина на обработливите површини по стопанство е 1,85 хектари што е значително под европскиот просек од 16 хектари. Околу 60 отсто од сите земјоделски стопанства обработуваат помалку од еден хектар земјиште, а дури 90 проценти помалку од три хектари.

Дополнително, малите земјоделски имоти се фрагментирани на пет и повеќе просторно оддалечени парцели со големина од само 0,2 хектара во просек. Поради раситнетоста, голем дел од парцелите немаат пристап до пат и до системите за наводнување.


 

вечер