fbpx
Вести

Тече рокот за поднесување барања за субвенции за предадено винско грозје

Во тек е рокот за поднесување барања за финансиска подршка за предадено винско грозје во домашна регистрирана винарска визба и висината изнесува два денари по килограм. Крајниот рок за поднесување апликации е до 25 декември.

За ова денеска на прес-конференција информираше Митко Керов, раководител на Подрачната единица за земјоделство, шумарство и водостопанство од Кавадарци.

– Исто така, веќе е започнато поднесување на барања за финансиска подршка за произведени и продадени градинарски и овошни култури во преработувачки капацитети. Корисници на подршката за градинарски култури се земјоделските стопанства кои во периодот од 1 март до 25 декември произвеле и продале градинарски култури во регистриран преработувачки капацитет за зеленчук. Висината за оваа подршка изнесува 1,5 денар по килограм за сите градинарски култури, освен за пиперки и корнишони, за кои поддршката изнесува три денари по килограм – информираше Керов.

Тој соопшти дека корисници на поддршка за овошни култури се земјоделски стопанства кои во периодот од 26 декември 2016 година до 25 декември 2017 година произвеле и продале овошје во регистриран преработувачки капацитет. Висината на подршката изнесува два денари по килограм.

– До 25 декември 2017 година се поднесуваат барања за финансиска подршка за произведени и продадени праски во преработувачки капацитети во периодот од 12 до 30 јуни 2017 година и за нив висината на подршката изнесува шест денари по килограм – додаде Керов.

Појасни дека во прилог со барањата за било која мерка, се доставува потврда за откупени количини.

– Доколку станува збор за мерката два денари по килограм за предадено грозје во домашна винарска визба, потребна е потврда дека винското грозје е однесено во винарска визба. Обрасците на потврдите веќе се достапни, може да се превземат од веб-страната на www.ipardpa.gov.mk во полето директни плаќања 2017 во обрасци – информираше тој.

Поднесувањето на барањата за финансиска подршка трае до 25 декември во Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, секој работен ден од 7.30 до 16.30 часот.

Керов нагласи дека за сите прашања за овие мерки, земјоделците може да се обратат во подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close