fbpx
Вести

Собирање печурки – добар семеен бизнис

Македонија е богата со печурки, а со собирање на печурки едно семејство може да заработи над 2000 евра годишно.

Доколку се погоди годината и доколку има квалитетни печурки, тогаш заработката за едно семејство може да достигне и до 5000 евра. Ова го потврдува Љупчо Најдовски од Демир Хисар кој триесет години се занимава со собирање, откуп и преработка на печурки.

Со оглед на македонскиот стандард, сумата која Најдовски ја наведе дека може да се заработи од оваа сезонска работа не е за потценување. Според него, за поголем профит, за да може од оваа дејност да се живее цела година, мора да се инвестира, да се има капацитети и ресурси.

„Добар печуркар во добра сезона може да фати и по 200 евра дневно. Ако се семејство кое си работи професионално и си ја знае работата, во пролет, а потоа и во есен можат да заработат 2000, 3000, 4000, па дури и до 5000 евра.  Да речеме дека еден човек ако излезе претпладне и собере неколку килограми вргањ, тоа се 1000 денари, и уште толку да собере попладне, тоа се 2000 денари. Има луѓе кои собираат печурки, но во селата се намалува бројот на жители и млади нема. Берат стари луѓе, но нема млади“ – вели Најдовски.

Најдовски вели дека земјата има печурки, и во источниот и во западниот дел, но карактеристично е тоа што во западниот дел има повеќе капацитети . Наведува дека во околината на Кичево, Ресен, Демир Хисар има многу квалитетни печурки. За смрчакот вели дека е печурка која се откупува по цена која може да достигне и до 25 евра по килограм, а вргањот кој го нарекуваат и „кралот на печурките“ се откупува за 200 денари, но ако квалитетот е добар, а побарувачката за извоз е голема, тогаш цената скока и до 800 денари за килограм.  Најдовски вели дека оваа година не беше поволна за печурките.

„Пролетта ни даде големи надежи. Обилни дождови му се потребни на вргањот, но потоа треба да има 12 – 13 дена со температури од 25, 27, 28 степени. Оваа година беше слаба. Јас ова го работам 30 години, имало и добри и лоши години. Добро се зaработува, но може да се случи печурка да се собира 10 дена и потоа да нема ништо. Штом ќе дојде лето,  ќе се зголемат температурите, тогаш и печурката го губи квалитетот“ – додава Најдовски.

Печурките кои се собираат во Македонија завршуваат на пазарите во Италија, Франција, Шпанија, Португалија, а дел и во Германија, вели Најдовски.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close