fbpx
Вести

Co вистинскиот мед може да се „пишува”

Мед да се купува во директен контакт со пчелар во кој имате доверба. На тој начин потрошувачите ќе бидат сигурни дека ќе консумираат вистински природен производ, а не фалсификат, советуваат пчелари од Пчеларската федерација на Македонија.

so vistinskiot med mozhe da se poshuva

 

„Вистинскиот мед кристализира и има силен специфичен мирис. Доколку е течен, мора да има изедначена и густа структура. Кога тече од лажицата со него можете да пишувате, а млазот нема да прекине”, објаснува пчеларот Венче Билбиловски.

Во пресрет на 12. издание на манифестацијата „Денови на македонскиот мед”, која од денеска до недела ќе се одржи во центарот на Скопје, од Федерацијата се пожалија дека климатските промени, негрижата за природата, особено за шумите, но и претераната употреба на инсектициди го уништуваат македонското пчеларство и опстанокот на медоносната пчела. Тие бараат да се подобрат условите за производство на квалитетен македонски мед што ќе може и да се извезува, со зголемување на субвенциите од 600 на 1.000 денари, како и брендирање на домашниот мед. Пчеларите апелираа да се заштитат и потрошувачите на кои многу често во маркетите им се нуди и мед од увоз на кој не е јасно обележано неговото потекло. Последица од увозот на над 40 тони мед, веројатно од Кина, е и рушењето на цената за една тегла, која во маркетите се продава и под 200 денари.

„Просекот на добиен мед од едно пчелино семејство годишно е 12 килограми. Годинава прогласуваме елементарна непогода во пчеларството бидејќи просекот е паднат на под 2 килограми за стационирано и на 7 килограми од селидбено пчеларење”, вели Јане Марков, претседател на Федерацијата. Поради тоа, годинава пчеларите на манифестацијата „Денови на македонскиот мед” ќе продаваат тегла природен мед за 350 денари, иако вообичаено цените се движат меѓу 250 и 300 денари.

„Климатските промени негативно влијаат на пчеларството во Македонија. Проблем ни е што овоштарите употребуваат инсектициди во време кога овошките цветаат и на тој начин не само што ги убиваат пчелите, туку и си го десеткуваат родот. Апелираме и во акциите за пошумување да се садат медоносни растенија”, вели Марков.

Во Македонија постојат над 8.000 пчелари со над 260.000 пчелни семејства. Најголемиот дел од пчеларите имаат меѓу 20 и 50 пчелини семејства. Но, за пчеларењето да биде одржлив бизнис од кој ќе може да се издржува семејство, треба да се работат најмалку 200 пчелини семејства и да се произведуваат и пчелни производи како матичен млеч, полен, прополис, восок и пчелин отров.

За да се поттикне пчеларството ќе треба да се зголеми и потрошувачката бидејќи според статистичките податоци, македонските граѓани трошат само 700 грама мед по жител. Во Германија потрошувачката е 9, а во Јапонија 16 килограми.

Сашо Ѓуровски од Министерството за земјоделство смета дека пчеларите ќе произведуваат повеќе мед ако практикуваат селидбено пчеларење и ако користат селектирана матрица.

„Се намалува просекот на произведен мед од едно пчелно семејство. Тоа покажува дека климатските промени си го прават своето, но тие влијаат низ цела Европа. Ако ја споредиме Македонија со која било земја, ќе видиме дека кај нас има убедливо најнизок принос по пчелно семејство”, рече Ѓуровски.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close