fbpx
ВестиЛов и риболов

Рака полна пастрмки

Утринската глетка на Охридското Езеро искапено во првото сонце, дава впечаток дека тукушто се родило, а неговите милиони години старост како да не постојат. Во неговите сини води постои растително и животинско царство за кое денес единствено се знае од фосилите. Малите рипчиња, подготвени да се вратат во студените води, се нем сведок за неговиот долг континуитет на егзистенција. За време на четиримесечниот вештачки мрест, предвиден за период од една година, во бистрата вода чија провидност изнесува и до 22 метра, се враќаат од два до два и пол милиони подмладок, што е максимум кој може да се фрли во езерото за време на годишен вештачки мрест.

raka polna pastrmki

 

Вообичаено враќањето на малите рипчиња се прави наутро, со првите зраци на зората, кога езерото е мирно и подготвено да ги прифати новите жители.

“Мрестот почнува од декември и трае до март. Се изведува така што се зема женската матица, се молзе, се вади икрата. Се фаќаат машките пастрмки (кораните), се вади млечот, се става во икрата и се мешаат. Веднаш се ставаат во инкубатор, и по извесно време, кога рипчињата ќе достигнат тежина од 3 грама, се фрлаат во водата”, објаснува Ристе Танасоски, управител на “Пастрмка 2012” Охрид, концесионер на Охридското Езеро.

Зависно од рибата и од временските услови, мали риби во езерото се фрлаат 30-40 пати.

“Кај 15 јануари, рибите, практично, доаѓаат до брегот. Хидробиолошкиот завод од Охрид го врши мрестот во охридскиот дел на езерото (потегот Трпејца Пештани Охрид), а преку мрестилиштето во селото Шум се мрести во струшкиот дел, на потегот Радожда Калишта Струга”, потенцира Танасоски.

Тој вели дека нивната фирма, како концесионер има ангажирано 70 лица (рибари и рибочувари) што ги ловат рибите, ги носат во Заводот за молзење и веднаш ги враќаат во вода. Откако ќе се оплодат, добиените рипчиња се враќаат на истото место каде што биле земени нивните родители.

За жал, Охридското Езеро, цели осум години, од 2004 до 2012 година немаше концесионер, што предизвика рибокрадци, буквално, да го опустошат рибниот фонд, и со тоа да ја доведат во прашање егзистенцијата на пастрмката, но и на нејзината мајка белвицата. Икрата се намалуваше, риби имаше се помалку.

Но од 2012 година состојбата е сосема поинаква. Co ставањето на фирмата “Пастрмка 2012” Охрид за концесионер, подмладокот го достигнува својот пик.

“Порано се ловеа околу 850.000 зрна, а откако езерото е под концесија, бројката достигнува до два милиона. Тоа, практично, значи дека подмладокот е зголемен за 160 проценти”, вели Танасоски.

Бројките, кога станува збор за финансиите, зборуваат дека парите за ова намена се зголемени само за 30 насто.

“Успешните вештачки мрестови може да го зголемат фондот на риби во Охридското Езеро. Во времето кога е за лов, речиси и да не се изловува пастрмката. Но она што не загрижува е изловот кој се прави од албанска страна. Таму се лови, не се почитува забраната. Тие користат ловечки мрежи (рибарски) и маломерни мрежи, кои се забранети. Албанците крадат, a нашите купуваат од нив, бидејќи кај нас сега нема рибокрадци”, алармира Танасоски.

Во Албанија нема концесионери туку само здруженија на граѓани, кои за 50 евра се регистрираат и прават што сакаат кога е во прашање ловењето риба.

Во моментов, кај нашиот сосед оперираат 150 легални и над 200 нелегални рибари.

“Рибокрадците кај нас се намалени за над 95 проценти. Нашите 70 редовно вработени се грижат се да врви во најдобар ред и да нема никакви проблем. Co гордост може да кажам дека засега многу успешно се справуваме. Секако, морам и јавно да му се заблагодарам и на министерот за земјоделство Михаил Цветков за поддршката која постојано ни ja дава , нагласува Танасоски.

“Согласно Законот за рибарство и аквакултура, обврска на државата е порибување на природните езера, а најголемо внимание посветуваме на Охридското Езеро и на зачувување на охридската пастрмка”, изјави министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Цветков, истакнувајќи дека за таа намена оваа година се издвоени десет милиони денари. Тој минатата недела присуствуваше на порибувањето на Охридското Езеро со подмладок на ендемскиот вид охридска пастрмка.

Научна установа која го спроведува, надгледува и го контролира мрестот на Езерото е ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, која постои од 1923 година. Заводот, како научна установа, потоа го ангажира концесионерот да ја лови рибата, да ја донесе кај нив и потоа стручните лица таму го вршат оплодувањето.

“Оваа година, според информациите од Хидробиолошкиот завод, ќе бидат изведени 2,2 милиона единки подмладок, пред се, поради тоа што не функционира мрестилиштето кај Шум, кај Струга. Сепак, тоа е најголем број единки кои ќе бидат пуштени во езерото, оттаму што минатата година Охридското Езеро беше порибено со 1,9 милиони единки пастрмка, пред тоа 1,6 милиони итн.”, рече министерот, изразувајќи уверување дека секоја година ќе се зголемува бројот единки што ќе бидат пуштени во езерото.

Тој нагласи дека државата е подготвена на Хидробиолошкиот завод да му исплати по четири денари за секоја одгледана единка охридска пастрмка, така што, независно што договорот за порибување е на десет милиони денари или 2,5 милиони единки, државата ќе исплати средства за секоја дополнителна единка подмладок што би била одгледана во Институтот и потоа пуштена во езерото.

Експертите од Хидробиолошкиот завод во Охрид тврдат дека и сто илјади единки пастрмка што би преживеале се сосема доволно за природен прираст на тој вид риба, но проблем постои поради неконтролираниот излов на млади риби на албанската страна од езерото.

Процесот на порибување на Охридското Езеро со подмладок на охридска пастрмка е започнат на 22 август и секојдневно, во континуитет, се врши порибување на езерото.

Досега во езерото се пуштени 1,625 милиони единки подмладок охридска пастрмка, со должина од седум сантиметри и тежина од околу три грама. Порибувањето се врши на локациите каде што е извршено и собирањето на икрата за вештачки мрест, односно кај Пештани, Трпјеца, Вир, кај Охрид, Калишта, Радожда и Струга.

Co својата единствена флора и фауна, Охридското Езеро претставува еден од најголемите биолошки резервати на Европа. Уште првите научни истражувања открија дека во него, како едно од најстарите езера на нашата планета, се зачувал прастар жив свет кој во други места воопшто не постои или, пак, се среќава само во форма на фосили. Исклучително значење имаат охридските риби.

Рибната фауна на Охридското Езеро ја сочинуваат 17 видови, кои им припаѓаат на три групи: пастрмки, бели риби и јагули.

Десет вида меѓу охридските риби се ендемични. Меѓу најпознатите ендемски видови риби кои го населуваат само Охридското Езеро се пастрмките: летница и белвица. Покрај јагулата, кленот, крапот, мрената, скобалот и моранецот, живее и малата риба плашица.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close