Припрема на сеалките

За успешна сеидба најважен предуслов е почвата да биде добро иситнета и израмнета и да има нормална влажност. Ова особено се однесува за сеалки за прецизна сеидба. Доколку тие се попрецизни, толку овој предуслов ќе важи и обратно.


Секогаш пред почетокот на сеидбата сеалката треба да се прегледа, посебно апаратите за сеидба и вложувачите на семе. Сеалката треба да се закачи за тракторот така што не ќе може да се движи лево-десно и да врши сеење во криви редови. Поради тоа, за време на приклучувањето за лостовите од хидроуличниот систем на тракторот треба да се зацврсти хидрауликот со поставување на стабилизаторски листови или затегнувачки синџири.

Сеалките треба да се приклучат така што ќе стојат во хоризонтална положба. Ова особено е важно кај житните сеалки каде што вложувачите на семе се поставени во два реда. Во моментот ако сеалките се навалат напред, предните вложувачи на семе ќе сеат подлабоко и обратно. Исклучок може да се направи само при сеидба на тврда почва, кога е дозволено мало наведнување напред за да можат внесувачите на семе полесно да влегуваат во почвата.

Сеалката до парцелата за сеидба и назад треба да се транспортира со празен сандак за семе. Ако сеалката не е на тркала со пневматици, по патот треба да се вози полека, побавно отколку на самата парцела при работа. Претходно треба да се осигура уредот за спуштање на вложувачот на семе. При транспортирањето може да се откопча, да ги спушти на земја каде што ќе се влечат и да дојде до оштетување.

За да може сеалката добро да работи, потребно е семето да биде чисто, суво и класирано. Ниту една сеалка не може да работи прецизно со нечисто и неуредно семе. Тоа е посебно важно кај сеалките за прецизна сеидба, за да може правилно да се одберат сеидбени дискови (плочи), односни ленти. Особено е опасно ако во семето има метални предмети кои можат да го оштетат апаратот за сеидба. За време на истурање на семето, треба да се води сметка за сандакот на сеалката да не влезе конец, парчиња од вреќите и сл., бидејќи ќе ја гушат работата на сеалката. За време на полнење на сандакот со семе, рачката на регулаторот треба да се намести на соодветно поле од скалата, а клапната на куќиштето треба да се отвори според големината на семето. Сеалката треба да се полни со семе на парцелата, пред да започне работата.


На почетокот на сеидбата, по правило, треба да се проконтролира количеството на исфрленото семе, бидејќи сеалката при сеидбата, поради тресењето и лизгањето на тркалата, нема да исфрла исто количество како на извршената проба. За таа цел, во сеалката се истура мало количество семе, така што ќе може за 3 до 4 прста да го покрие апаратот за сеидба со семе. Потоа семето со рака се израмнува и со линија се обележува неговата висина на ѕидот од сандакот за семе. Потоа се истура измереното количество семе во сандакот (на пример, за еден ха) и се сее додека нивото на семето не падне до обележаната линија. Потоа се мери посеаната површина и со тоа се установува точно колку сеалката сее на една површина. Кај сеалките кои имаат вграден уред за депонирање на минерално ѓубре, тоа постапно се врши со вклучен уред за депонирање на ѓубрето. Истовремено, треба да се провери и длабочината на сеењето, и тоа посебно на краевите на парцелата каде што врти агрегатот, а посебно на парцелата.

Ако за време на сеидбата мора да се врти агрегатот на самата парцела, тогаш треба прво да се посее местото за вртење. Ако сеидбата на краевите се остави за крај, што обично се практикува кај нас, внесувачите на семето тешко ќе продираат во натапканата плоча, а притоа сеидбата на краевите на парцелата ќе биде неизедначена и покрај тоа, ако за време на орањето на почвата, исто така, тракторскиот агрегат вртел на овој простор, тогаш внесувачите на семе тешко ќе продираат во почвата, па треба подлабоко да се спуштат.
При сеидбата, особено внимание треба да се обрне на првиот проод. Тој треба да биде потполно прав, бидејќи понатаму сеидбата многу ќе зависи од него. Во понатамошната сеидба треба да се обрне внимание на составувањето на редовите од претходните прооди. Поради тоа, тркалата од тракторот треба прецизно да се водат по трагата на маркерот.

Сеидбата по правило, треба да се извршува полека и внимателно, иако во најголем број случаи моќта на тракторот не е доволно искористена. Кога се работи за поголема брзина, сеалката тешко правилно се води, вложувачите на семе тешко продираат во почвата, често пати отскокнуваат и ја посипуваат површината на почвата со семе, а апаратите за сеида, поточно дисковите за сеидба и лентите, не стигнуваат да зафатат доволно количество семе. Ако сеидбата, сепак се врши со помала брзина, треба да се зголеми притисокот на пружините, односно оптоварувањето на внесувачите на семе, за да можат подобро да продрат во почвата. Исто така, треба повеќе да се отвори апаратот за сеидба, односно да му се зголеми неговата брзина на работа.

Вртењето на сеалката на краевите од парцелата треба да биде постепено. Вложувачите на семе треба да се поткренуваат со помош на рачка од хидрауличниот систем на тракторот, во моментот кога ќе дојдат над браздата на местото за вртење на агрегатот. Вртењето треба да започне откако вложувачите на семето на сеалката ќе биде поткрепнати над почвата. По завршеното вртење на агрегатот, вложувачите на семе треба да се спуштат на еден метар пред браздата за вртење (бидејќи сеалката поминува толкав пат додека семето да дојде до почвата). Спуштањето треба да се врши откако агрегатот ќе се исправи.