Нов циклус обуки за земјоделците од струмичкиот и радовишкиот регион – кандидати за грантови за воведување на агроеколошки мерки

obuki

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во рамките на Проектот за управување со сливот на реката Струмица, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, почна со втор циклус на обуки за земјоделците – кандидати за грантови за воведување на современи агроеколошки мерки.

Обуката содржи интензивен теоретски и практичен дел кој ќе трае до крајот на март 2018 година. Средствата ќе ги добијат најдобрите учесници кои успешно ќе ја завршат обуката и ќе го положат тестот на знаење. Добитниците на грантови во висина до 300,000 денари ќе бидат прогласени во април 2018 година, кога се очекува да започне и практичната реализација на мерките.

„Одличните резултати што изминатите години се постигнаа во преспанскиот регион веќе се постигнуваат и во југоистокот на државата. Добитниците на грантовите, под надзор на стручни тимови ангажирани од УНДП, постепено ќе ги воведуваат новите производни практики. На крајот од сезоната ќе се споредуваат постигнатите резултати по новите и старите методи на производство“, изјави Димитрија Сековски, раководител на проектот. „Оваа промена на земјоделските практики веќе се покажа како многу ефективна како по однос на намалувањето на негативните ефекти по животната средина, така и по однос на подобрувањето на производството“, вели Сековски.

Во вториот циклус на обуки ќе бидат вклучени повеќе од 80 земјоделски производители. Од нив, ќе бидат избрани најмалку 30 грантисти и тоа 10 за овоштарство и 20 за градинарство.

„По обуките сфатив дека поголемиот дел од она што сме правеле било неефикасно и штетно за животната средина. Но, сега од најдобрите стручни лица во земјата научивме како да го подобриме квалитетот на почвата без да загадуваме. Научивме и да наводнуваме тогаш кога е потребно со мерење на влажноста на почвата. Со тоа штедиме и големи количини вода“, вели Коце Божиков фармер од струмичкиот регион, еден од учесниците во првиот циклус од обуките.

Поддршката за земјоделците ќе биде преку набавка на современа земјоделска опрема, како што се системи за микронаводнување, уреди за следење на влажност во почвата, системи за фертиригација, опрема за следење на појавата на болести и штетници. За сите избрани земјоделски површини ќе се направат детални почвени анализи, врз основа на кои ќе се изработуваат програмите за наводнување и исхрана на културите. Идејата на програмата е избраните пилот фарми да станат пример за современо и одржливо земјоделско производство, што ќе може понатаму да се пресликува на многу поголема земјоделска површина во сливното подрачје.

Проектот за управување со сливот на река Струмица има за цел да воведе сеопфатни мерки со кои значително ќе се подобри еколошкиот статус на водните тела и целокупното сливно подрачје. Во партнерство со локалните земјоделски производители, се спроведат активности за зголемување на конкурентноста на земјоделското производство во регионот и намалување на неговото влијание врз животната средина, преку воведувањето на современи, агроеколошки мерки.


 

фактор.мк