Календар на градината – Ноември

gradina 1

Во овој период од годината градината не е така разиграна веќе како што беше до неодамна. Прецветаа сезонските цвеќиња кои ги засадивме на пролет, листовите од листопадните декоративните дрвја, грмушки и овошки полека опаѓаат. Полека се губи колоритноста која зрачеше од секој агол на градината. Со цел да ја задржиме градината во добра форма и за следната година, пред да стане постудено треба да обавиме неколку работи.

gradina

Остатоците од леите и бордурите со едногодишни цвеќиња треба да се отстранат, доколку тоа не сте го сториле до сега, а почвата да се обработи длабоко и да се прихрани со суперфосфат и калиум. Доколку сакате да ја одржите бојата во градината и во овој период од годината, може да ја збогатите со садење на виоли и хризантеми. Перените и повеќегодишните цвеќиња за кои немаме простор за презимување треба да се заштитат од ниските зимски температури. Почвата околу декоративните грмушки и дрва, исто така треба да се прихрани со органски и минерални ѓубрива. Сончевите денови во ноември е добро да се искористат за садење на рози и други листопадни грмушки и дрвја.

Украсните треви може, но не мора секогаш да се сечат до земја за да презимат, како што многумина практикуваат. Тие може едноставно да се врзат во снопче, не премногу стегнато, а нивната надземна маса ќе им послужи како заштита од премрзнување. Осетливите видови на ниски зимски температури препорачливо е да се заштитат со некој материјал. Доколку се користи најлон многу е важно да биде издупчен за да не настане гниење од прекумерна кондензација на поедини делови од растението.