Ексклузивно интервју со раководителот на МЗШВ ПЕ Битола, Александар Цуцуловски: Земјоделците навремено ќе добиваат исплата за субвенциите

Зелена Берза разговараше со новиот раководител на подрачната единица во Битола на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-дин Александар Цуцулоски.

Цуцулоски истакна битни детали од македонскиот аграр, и ги сподели своите планови и визии за добивање современо и конкурентно земјоделство, задоволни земјоделци со пристојна професија.

1. Од неодамна сте новиот раководител во ПЕ Битола во МЗШВ. Кои се Вашите почетоци со земјоделството? Како се пронаоѓате себе во оваа професија?

Цуцулоски: Да, јас сум нов на оваа позиција но воопшто не ми се далечни состојбите во земјоделското производство особено што потекнувам од нашата најголема житница Пелагонија. Имам контакти со земјоделски производители, често разговараме со нив за состојбата во која се наоѓаат и за мерките кои треба да се превземат од страна на владата, за подобрување на статусот на земјоделците.

2. Кои се Вашите визии и планови со пелагониските земјоделци?

Цуцулоски:Земјоделците треба секогаш да бидат на прво место, затоа, заедно со Владата, со ресорното министерство, ќе направиме реформа во аграрот што подразбира земјоделците и земјоделското производство конечно да го добијат местото кое го заслужуваат, а тоа е стратешка стопанска гранка. Пред нас претстои период на многу работа, активности и најбитно – резултати.

3. Кои се моменталните проблеми на земјоделците? (со оглед на тоа што од самиот почеток интензивно ги посетивте скоро сите пелагониски села)

Цуцулоски:Проблемите се големи, особено во делот на сточарското производство. Ниската цена на млекото, несигурниот пласман и нередовната исплата на субвенциите довеле до состојба во која сточарите масовно го продаваат добиточниот фонд. Јас буквално сум на терен постојано од првиот ден кога бев назначен за раководител на Подрачната единица на МЗШВ во Битола и постојано сум во разговори и со останатите земјоделци. Секаде состојбата е лоша и ќе ни треба многу работа, знаење и активности за да го „кренеме“ пелагонискиот земјоделец. Знаеме како, имаме стратегија и работиме на тоа.

4. Дали сте задоволни од сегашната состојба во земјоделството во државата?///Што мислите дека треба да се промени?

Цуцулоски:Од сегашната состојба во земјоделството не само јас, нема некој што е задоволен. Очигледна била само манипулацијата и пропагандата на минатата влада со која се создаде лажна слика на успешни земјоделци и профитабилни агробизниси. Фактичката состојба е сосем спротивна – задоцнети субвенции, ниски откупни цени, сиромашни земјоделци, сточари без земја, скапи репроматеријали…неисплатливо производство.

5. Се споменуваше дека веќе нема да има субвенции…може ли да појаснете нешто повеќе околу оваа најболна тема на земјоделците?

Цуцулоски:Што се однесува до Субвенциите, земјоделците мора да сфатат дека исплатата на земјоделските субвенции е државна мерка, а не партиска и нив ќе ги има без разлика кој е на власт. Тие пари на земјоделците им се обезбедени со закон и ние ќе им ги исплаќаме навреме, без разлика дали има избори или не, исто како до сега. Единствено ќе нема субвенции за оние кои до сега пријавуваа лажно а беа толерирани од страна на минатата власт. Субвенции ќе добиваат сите вистински земјоделци кои реално произведуваат без разлика на партиската или друга припадност.

6. Што можат да очекуваат земјоделците од Вас и од новата влада?

Цуцулоски:Земјоделците од новата влада може да очекуваат прво стопирање на негативниот тренд и полека но сигурно подобрување на состојбата и профитабилен агробизнис. За таа цел планираме стратешки мерки како воведување на поефтина нафта за земјоделците, популарно наречена „зелена“ нафта. Потоа инвестиции во системи за наводнување, поддршка на пласманот на земјоделските производи, редовна исплата на субвенциите, а формиравме и комисија за ревизија на распределбата на државната земјоделска земја за да ја вратиме земјата во рацете на вистинските земјоделци, особено сточарите. Планираме да направиме реформа во аграрот со што ќе овозможиме и нови вработувања особено на младите. Ќе ги продолжиме проектите како „Млад земјоделец“, рурален 50 -50 за обновување на механизацијата, ќе инсистираме на окрупнување на земјоделското земјиште за поконкурентно земјоделство, како и многу други мерки за кои ќе информираме навремено.

7. Во моментов една од најактуелните теми во земјоделството е окрупнувањето на земјоделско земјиште. Таков пилот проект повеќе од 2 години се работи во битолското село Средно Егри…до каде е процедурата таму, каде следно ќе се окрупнува и што мислите Вие за консолидацијата како процес?

Цуцулоски:Пилот проектот во село Средно Егри привршува успешно. Се правеа некои измени на законот за Консолидација на земјоделско земјиште, но и тоа е веќе при крај. Се надеваме дека до крајот на следната година, консолидацијата целосно ќе биде имплементирана кај нив, со изградена нова инсфраструктура во атарот на селото.
Што се однесува до изборот на новите локации за окрупнување, веќе се организираат работилници низ цела држава, поддржани од Министерството за земјоделство, и преку соодветни мерки на експертите од ФАО и вработените во МЗШВ, до крајот на оваа 2017 година ќе се изберат најповолните локации на кои ќе се работи следните 3 години.
Јас целосно ја поддржувам консолидацијата на земјоделско земјиште бидејќи тоа е единствен начин да се биде конкурентен на пазарот, со помала работна сила, поголема заштеда на гориво и заштеда при наводнување со поставување на систем капка по капка во големи окрупнети парцели.

8. Со кои методи, според Вас, ќе се зголеми земјоделското производство?

Цуцулоски:Методите ќе бидат насочени кон овозможување на конкурентно земјоделско производство. Поефтини репроматеријали, сигурен пласман и услови за стопанисување кои ќе ги создава Владата на РМ.

9. Што треба да се промени за да има поголемо искористување на средствата од Ипард програмата?

Цуцулоски:Што се однесува до користењето на ИПАРД средствата, ќе сториме се што треба за да го зголемиме процентот на искористеност, бидејќи сведоци сме на тоа дека ни пропаднаа многу пари од европските фондови поради неажурната администрација, неподготвеноста на апликантите и недоволната едукација на земјоделските производители. Периодот што доаѓа ќе бидеме посебно активни во овој дел, ќе се вклучиме транспарентно и ќе помагаме максимално како Подрачна единица на МЗШВ во овој регион.

10. Кој совет би им го дале на сите земјоделци?

Цуцулоски:Во овој момент единствен совет што сакам да им го дадам на земјоделците е да не се откажуваат од своето производство, да веруваат дека ќе биде подобро и дека заеднички ќе помогнеме не само за враќање на нивното достоинство туку и на зголемување на домашното производство на храна кое е и тоа како потребно за доброто на целата држава.