fbpx
Рурален туризамТоп вести

Крушево – патување низ времето

На падините на Бушева Планина, заобиколен со густата крушевска корија (локален израз за шума), на 1.250 метри надморска височина, распослан како во инка се простира еден од најстарите градови во Македонија и воедно највисокиот град на Балканот.

krushevo patuvanje niz vremeto

 

Градот датира од петнаесеттиот век, кога го населуваат исклучиво Македонци. Кон крајот на осумнаесеттиот и почетокот на деветнаесеттиот век, бегајќи од насилствата и грабежите во Албанија, од областа Корча, а подоцна и од планините Грамос и Пинд во денешна Грција, се доселуваат Власи. Доаѓаат и Мијаци од реканскиот регион. Со Власите од Албанија доаѓаат и извесен број православни Албанци, кои со текот на времето се асимилираат во Власи. Од почетокот се употребуваат и влашкиот и македонскиот јазик.

Мешавината на двата народа, македонски и влашки, турското и европското влијание го создаваат Нејзиното Височество – крушевската куќа!
Krush4
Крушевските куќи се вистински архитектонски ремек‐дела. Велат, прочуениот Ле Корбизје бил трогнат од убавината на елегантната линија и украсните детали на фасадите. Речиси сите сè уште ги носат семејните грбови на предната фасада, а внатрешноста е украсена со мебел и украсни детали од дрво и резба, како и насликани ѕидови, каде што доминира сината боја, мешавина на сеќавањата на старата татковина и градителската и зографската умешност на Мијаците.
Крушевчаните својата слобода ја откупиле од султанот уште во деветнаесеттиот век, обврзувајќи се да ја платат со високи годишни даноци. На тој начин успевале да одржуваат живи трговски врски, поврзувајќи го брегот на северна Африка и Мала Азија со Австро-Унгарија и Италија. Крушево важело за богато место, а крушевчани се образувале во тогашните европски центри – Виена, Букурешт, Белград, Истанбул.
Во 1903 година градот го зафаќа бурата на Илинденското востание. Станува прва независна република на Балканот по углед на Француската буржоаска република.
Како по правило, секогаш кога е нешто или некој пред времето, тешко успева да се оствари и да заблесне со полн сјај.
krusevska-republika-4-728
Мора да помине време за дури и самите да разбереме што сме имале или што сме направиле. Таков е случајот со Крушево, со републиката и хероите кои нè претставуваат пред светот за сите времиња… Даме, Карев, Тоше…
Крушево денес е град-музеј. Познатите семејства до ден-денес раскажуваат за старите времиња, за момите донесени дури од Цариград со богати мирази, за старите книги по моминските ковчези и предмети што сè уште се чуваат по куќите, за роднините во Белград, Египет и Букурешт, за уметниците од светски калибар како Никола Мартиновски и Тоше Проески, чиишто роднини и соседи ќе ги сретнете на улица, за познатите крушевски златари одамна заминати на запад, за умните крушевчани кои и сега се елитата на нашето општество.
20130915144239Mother_with_Child_Nikola_Martinovski_1967
Крушево се гордее со својот зимски туризам. Еден од првите ски-центри во Македонија, со жичарница што тргнува од центарот на градот. Тука има патеки за алпско и нордиско скијање, специјални патеки за биатлон, но и патеки за планински велосипедизам. Тука е и спортскиот центар „Гумење“, а на Мечкин Камен се одржува светски куп во параглајдерство. Благите падини се како создадени за младите скијачи, а топлата атмосфера на градот идеална за семеен одмор.
karas-28588
Целиот град пречекува гости во секое време. Крушево има неколку цркви, а манастирот „Свето преображение“ се наоѓа на осум километри од Крушево. Големата македонска поп-ѕвезда Тоше Проески го почна неговото градење не само финансиски туку и физички, вградувајќи се себе во обновувањето на овој манастир. Велат, само да го вдишеш овој воздух и да погледнеш преку шумата кон Пелагонија ќе ти се исчистат мислите како повторно да си се родил. Поставен е телескоп насочен кон ѕвездата што го носи неговото име.
Манастир-свето-Преображение-Крушево-30
Нема поубаво од крушевски локум измешан со мирисот на тазе смелено македонско кафе. Сувенир од Крушево? Целувки! Воздушести и крцкави како од студ румените момински образи.
KIC-lokum
Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close