fbpx
Вести

Во Чешка не препознаваат по бостан, во Русија по праски, во Бугарија по зелка, а во Германија по катализатори и вино

Македонски домат, росоманска праска или црвено вино, од една страна, или „стоби флипс“, шеќерни бастунчиња за Божик и „кафетин“, од друга страна. Странците Македонија се уште ја препознаваат по вкусот на традиционалните производи, кои со години се извезуваат на трпезите на Европејците, но и во други земји во светот. Иако официјалните бројки велат дека најмногу сме извезле катализатори – за 663,9 милиони евра во 2015 во Германија или машини и апарати за филтрирање и пречистување – за 426,9 милиони евра, извозот на аграрни производи од 486 милиони евра е задолжен за добрата меморија кај странците.

vo cheshka ne prepoznavaat po bostan vo rusija po praski vo bugarija po zelka a vo germanija po katalizatori i vino

 

Во министерствата за економија и за земјоделство велат дека нашиот најголем партнер останува Европската Унија, на второ место се земјите од регионов (ЦЕФТА), а извозот на фероникел ја прави Kина еден од нашите најголеми извозни пазари и е на трето место. Од земјите од регионов Србија ни е прв пазар со вкупен извоз од 185 милиони евра, а Kосово е на второ место.

Земјоделски производи

Деканот на Факултетот за земјоделство и храна, Драги Димитриевски, вели дека иако во последно време се менува структурата на извозот, Македонија се уште се препознава по вкусот.

– Добриот мирис на зеленчукот и овошјето од Македонија го знаат секаде во светот. Можеби во бројка тој не е најголем, но сите не препознаваат по доматите, кромидот или црвеното вино. Јагнешкото е најпродавано во Италија и Хрватска – вели Димитриевски. Според него, во последно време се повеќе се препознава и македонското црвено трпезно грозје, но и ресенското јаболко во Русија.

Ако се анализираат бројките, може да се види дека секоја земја има различна претстава за она што се произведува во Македонија. Така во Чешка најмногу има македонски бостан и дури 28 отсто од извозот на лубеници и дињи завршиле на нивниот пазар. Во Бугарија лани завршиле 40,4 отсто од пиперките произведени на македонските ниви. Бугарите се сладеле и со 20 отсто од нашата зелка, а Србите изеле 36 отсто од македонските домати.

– Вкупниот извоз лани беше зголемен за 8,8 отсто, а извозот на земјоделско-прехранбените производи во 2015 година во споредба со 2014 е на исто ниво од 486,24 милиони евра. Учеството на извозот на земјоделско-прехранбени и рибни производи во вкупниот извоз на Македонија во 2015 година е 12,01 отсто. Најзначаен партнер во трговијата со земјоделско-прехранбени производи е Европската Унија, а втор најзначаен партнер се земјите членки на ЦЕФТА со вкупна вредност на трговската размена 371,5 милиони евра. Гледано по земји, најмногу земјоделски производи извезуваме во Србија, 76,9 милиони евра, потоа во Kосово – 38,7 милиони евра, во Грција – 36,1 милиони евра и во Хрватска – 36 милиони евра. Во Германија има извоз од 32,9 милиона евра, а во САД – 28,9 милиони евра.

Kатализатори и автобуси ја менуваат структурата

Во Министерството за економија велат дека ако се анализира вкупниот извоз, произлегува дека не не знаат само по земјоделските производи, туку и по автобуси, фероникел и топловалани производи.

Лани најизвезувани производи се катализаторите, машините и апаратите за филтрирање, сетовите на спроводниците за палење, фероникелот, моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, лековите, топловаланите производи од железо и челик и шавните цевки. Прв партнер ни е Германија, каде што пласираме катализатори и машини и делови за филтрација, но и спроводници за палење. Фероникел извезуваме во Kина и во Шпанија, а автобуси во Белгија. Тутун во Европска Унија, но и во Kанада и Индонезија.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close