fbpx
Вести

Грчкиот ориз кој се декларира како “кочански” ни го зема пазарот во Србија

Во Кочанско започна жетвата на оризот. На стартот на жетвените активности временските прилики се погодни, оризопроизводителите очекуваат богат род и рекордни приноси, па затоа вниманието повеќе им е насочено кон откупната цена и пласманот.

grchkiot oriz koj se deklarira kako kochanski ni go zema pazarot vo srbija

 

Според евиденцијата на подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство годинава се насеани 4.900 хектари што е за речиси 50 хектари повеќе од лани. Доколку се остварат ланските просечни приноси од 5 тони по хектар, тогаш годинава може да се очекува вкупно производство на ориз од околу 24.800 тони оризова арпа или околу 13.800 тони бел ориз.

Од МЗШВ велат дека за државата и за оризопроизводителите посебен проблем претставува декларирањето на грчкиот ориз како „кочански“, кој се продава по пониска цена и ни го зема пазарот во Србија, бидејќи автоматски нашиот не може да биде конкурентен во однос на цените.

– Проблемот е што ова се случува надвор од Македонија и тука не можеме да влијаеме. Граѓаните во Србија не знаат дали оризот е кочански или грчки. Нашиот кочански ориз има бренд и затоа е многу поквалитетен. Во тој правец треба да го задржиме квалитетот и да направиме конкурентни цени само така ќе го решиме проблемот, велат од ресорното министерство.

Што се однесува до откупната цена, таа се уште не е утврдена, но барањата на оризопроизводителите се да се задржат минатогодишните откупни цени од 25 денари за килограм арпа и 50 денари за килограм бел ориз.

Според програмата за финансискат поддршка на земјоделството, оваа земјоделска култура се поддржува со основни субвенции од 12.000 денари по хектар. За да им помогне во нарушената состојба со пласманот на оризот, Владата во јули донесе одлука за дополнителна финансиска поддршка за производителите на ориз.

Од МЗШВ велат дека во моментов во тек е исплатата на дополнителните субвенции, чиј рок за пријавување беше до крајот на август. На оние оризопроизводители кои своето производство го продале на регистрирани откупувачи и кои пријавиле производствените капацитети со ориз до два хектара им се исплаќаат по 5 денари дополнителни субвенции. По 4 денари за килограм добиваат оризопроизводителите кои пријавиле производствените капацитети од два до 10 хектари и три денари по килограм за производствените капацитети со ориз над 10 хектари.

Од насеаните 4500 хектари под ориз во Кочанско, се очекуваат рекордни приноси и по 6.500 килограми од хектар.

Ресорното министерство во соработка со државата и понатаму ќе настојува да го надминеме проблемот со вишок на ориз, а како еден од можните начини останува мерката за дополнителното плаќање за предаден килограм оризова арпа и бел ориз.

Од МЗШВ апелираат до оризопроизводителите за да бидат поконкурентни на пазарот, односно за да го одржат квалитетот на производството, да се здружуваат во задруги. Во наредниот период државата планира во Кочанско да изгради три капацитети за чување и сушење на оризот, што потоа под поволни услови ќе им ги преотстапи на задругите.

Во таа насока ресорното министерство планира површините под ориз постепено да ги врати на 8 до 9 илјади хектари. За да се постигне тоа во наредниот период државата треба да вложи околу 80 милиони евра во системите за наводнување во овој регион.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close