fbpx
ВестиТоп вести

Климатските промени закана за земјоделското производство

Истражувањата спроведени во Македонија покажуваат дека дефинитивно во регионот климатските промени сериозно ќе ги лимитираат приносите, најмногу поради недостиг на вода. Експертите сметаат дека климатските промени, дури и во кус рок некаде до 2030 година, во Македонија ќе почнат да покажуваат негативен ефект, односно намалени приноси

klimatskite promeni zakana za zemjodelskoto proizvodstvo

 

Климатските промени имаат силно влијание врз земјоделството и производството на храна. За да го заштити земјоделството од несакани последици, државата активно работи на проценка на ризиците и изготвување на мерки за ублажување и справување со климатските промени. Експертите укажуваат на примена на лесно апликативни, не многу скапи и економски оправдани мерки за заштита на земјоделството од климатските промени чии негативни влијанија допрва ќе се почувствуваат.

Проценката на состојбата покажува дека просечните температури во последните 20 години се зголемени за 2 степени, а количеството на врнежи е во опаѓање. Според хидрометеоролозите се очекува овие трендови да се задржат и во наредниот период.

Досегашните светски искуства укажуваат дека климатските промени ќе имаат позитивни ефекти во северните делови на Европа, преку продолжување на топлите денови и повеќе сончеви денови, додека во јужниот дел на континентот приносите ќе бидат лимитирани, пред се поради намалување на врнежите, односно поради недостиг на вода, како и покачената температура.

Истражувањата спроведени во Македонија покажуваат дека дефинитивно во регионот климатските промени сериозно ќе ги лимитираат приносите, најмногу поради недостиг на вода.

Експертите сметаат дека климатските промени, дури и во кус рок некаде до 2030 година, во Македонија ќе почнат да покажуваат негативен ефект, односно намалени приноси. За среќа, македонските земјоделци преземаат адаптивни практики како мерки за приспособување кон новонастанатите околности, преку наводнување на обработливи површини. Доколку се спроведат секторски промени за проширување на површините што ќе се наводнуваат, климатските промени во кус рок нема да остават сериозно последици по македонското земјоделство.

Исто така, се разработуваат и други адаптивни техники за прилагодување кон климатските промени, како што е заштита на културите, пред се во овоштарството и лозарството преку поставување заштитни мрежи, потоа техники за зачувување за почвата, така што во кус рок македонското земјоделство ќе успее да се справи со негативните последици од климатските промени.

Анализата на влијанијата на климатските промени покажува економски загуби кај стратегиските земјоделски култури и намалување на приносите до 50 отсто. Се смета дека најранлив регион ќе биде Повардарјето, а најранлива култура грозјето. Регионот на Струмица, Гевгелија, јужна Вардардска долина, Кумановска долина и Овче поле се рангирани како високо ранливи, каде негативни последици се очекува да имаат земјоделските култури, домат и пченица.

Во сточарството се очекува намалување на добиточниот фонд како резултат на температурниот стрес ефект врз добитокот, а се смета дека локалните раси кои се подобро прилагодени на локалните услови ќе бидат поотпорни на посувите и потоплите климатски услови проектирани за во иднина.

Меѓу најголемите ризици од климатските промени кои се прогнозираат во наредните две до три децении, е појавата на нови болести и штетници во растителното и сточарското производство.

Мнозинството од странските експерти се согласни дека планетата се соочува со се поголем недостиг на вода, како главен фактор што влијае врз земјоделството и оттаму со производството на храна во светски рамки.

– Во моментов се соочуваме со екстремни временски непогоди, како поплави што носат многу вода на едно место и на тој начин неповолно влијаат врз земјоделските култури. На науката и останува да развива нови култури што би можеле да издржат многу вода или обратно, а исто тоа се однесува и кога е во прашање сончевата светлина и топлина, вели Рамиш Калиот, професор од САД.

Тој нагласува дека климатските промени ќе значат и појавата на нови болести на растенијата, како и на штетници, така што смета дека науката треба многу повеќе внимание да обрне на таа проблематика.

Според годишниот извештај на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) до 2030 година климатските промени може да втурнат во екстремна сиромаштија уште 122 милиони луѓе, најголем дел во југоисточна Азија и Африка, каде што фармерите ќе се соочат со стрмоглав пад на производството.

ФАО предупредува дека последиците од климатските промени може тешко да ја погодат животната заедница, чиј животен опстанок зависи од земјоделството, а состојбата со несигурност со храна може да се пренесе на сите региони.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close